Во време кога сè повеќе млади луѓе создаваат, творат и развиваат сопствени креативни идеи, често останува отворено прашањето — како таа креативност понатаму да се развива, структурира и одржува. Токму од таа потреба произлезе проектот „Креативна отскочна даска (Creative Launchpad): Од уметнички концепт до одржлив бизнис модел“.
Станува збор за програма наменета за млади таленти- креативци на возраст од 18 до 29 години, која има цел да понуди простор за учење, практична работа и менторска поддршка за сите оние кои сакаат посериозно да пристапат кон сопствените идеи и проекти.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, во рамки на програмата за проекти од областа на креативните индустрии за 2026 година, а се реализира во партнерство помеѓу Економскиот институт — Скопје при УКИМ и здружението „Арт Стори Каталеа“.
Она што ја прави оваа програма поинаква е токму спојот помеѓу академското знаење и практичното искуство од креативниот сектор. Наместо само теоретски пристап, учесниците ќе имаат можност да работат на сопствени идеи, да разговараат со професионалци од различни креативни области и да добијат појасна слика како нивната работа може понатаму да се развива.
Во текот на програмата ќе бидат обработени теми поврзани со менаџмент на креативност и иновации, претприемништво и бизнис моделирање, финансии за не-финансиери и маркетинг за креативци. Дополнително, предвидени се менторски сесии, гостински предавања и посети на успешни креативни бизниси.
Предавањата ќе се одвиваат во Скопје, во просториите на Економскиот институт — Скопје, во периодите од 8 до 17 јуни, од 16 до 25 септември и од 14 до 16 октомври.
Повикот е отворен за сите млади кои чувствуваат дека им е потребен следен чекор во развојот на нивната креативна работа — без разлика дали станува збор за идеја што допрва се развива или проект на кој веќе активно работат.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе добијат сертификат за учество.


