Економскиот институт-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Стопанската комора на Северна Македонија потпишаа Договор за научна, техничка и апликативна соработка, со цел да се постигне подобра поврзаност помеѓу академијата и бизнис-секторот.
Договорот предвидува активности насочени кон планирање, утврдување и развој на работна сила со високо образование во согласност со потребите на бизнисот, организирање обуки, семинари и гостински предавања од страна на бизнис-секторот, консултантски и експертски услуги, заеднички истражувања и економски анализи, како и иницијативи за усогласување со европските политики.
Со Договорот се отвора можност и студентите на постдипломски студии да се вклучат во решавање на предизвици на компаниите преку истражувачки и магистерски трудови.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески на потпишувањето на Договорот со директорката на Економскиот институт проф.д-р Искра Станчева-Гигов истакна дека кадровскиот потенцијал на Институтот е добар и очекува долгорочна партнерска соработка.

