ТРКАЛЕЗНА МАСА ЗА ПРЕЗЕНТИРАЊЕ НА РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ПРОЕКТОТ: „ИДЕНТИФИКУВАЊЕ НА ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОЛГОРОЧНАТА НЕВРАБОТЕНОСТ НА ПОСТАРИТЕ ЖЕНИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И СРБИЈА“

На 20.11.2025 година, во просториите на Економскиот институт – Скопје се одржа Тркалезна маса на која беа презентирани резултатите од проектот „Идентификување на причините за долгорочната невработеност на постарите жени во Северна Македонија и Србија“, финансиран од програмата Visegrad+ Grants (2xV4 + 2xWB6/EaP).

На настанот беа изложени клучните наоди од истражувањето спроведено во Република Северна Македонија, како и главните сознанија за состојбата во Србија. Дополнително, беа споделени и позитивни примери и искуства од Словачка и Полска во однос на ефективните мерки за вработување на жени над 50 години.

На презентацијата присуствуваа претставници од релевантните институции и чинители на пазарот на труд во Северна Македонија – Министерството за економија и труд, Агенцијата за вработување, Министерството за образование, Државниот завод за статистика, Центарот за образование на возрасни, претставници од синдикатите, работодавачите и невладиниот сектор кој работи на прашања поврзани со жените.

Особено важно беше учеството на долгорочно невработени жени на возраст од 50 и повеќе години, кои ги споделија своите лични искуства, предизвици и потреби во процесот на барање работа (линк кон фотографии).

Пред овој настан во Скопје, на 18.11.2025 година беше одржана Тркалезна маса во Белград, каде беа презентирани добиените резултати од нивното истражување во рамки на проектот (линк кон фотографии).

Плодната дискусија, размената на искуства и добиените сознанија ќе бидат исклучително значајни за креирањето на конечните препораки и предлози за подобрување на состојбата со невработеноста кај жените над 50 години во Република Северна Македонија.