Д-р Биљана Ангелова

Редовен професор

НАУЧНИ ПОДРАЧЈА НА ИНТЕРЕС

  • Финансиски менаџмент

Повеќе за Биљана Ангелова

Биљана Ангелова е родена во Скопје. Додипломски и последипломски студии завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и докторирала во 1999 година на Економскиот факултет.

Во Економскиот институт е вработена од 1992 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

Во периодот 2006 – 2008 година била раководител на втор циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Била прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот. Од 2016 година е член на академскиот борд на Конфучиј Институтот при УКИМ и активно работи на научна соработка меѓу Универзитетот за финансии и банкарство во Ченгду, Република Кина и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 2018 година е претседател на надзорниот одбор на Универзитетското друштво за иновации и трансфер на технологии „ИНОФЕИТ“. Од 2018 година е активно вклучена во активностите за промовирање и поддршка на Акцелераторот на УКИМ.

Била член на Комисијата за нострификација на странски високообразовни дипломи при Министерството за образование и наука во областа на општествените и хуманистичките науки. Била иницијатор и прв претседател на Меѓународната асоцијација на економски институти на земјите на Југоисточна Европа во периодот 2012-2013 година. Во 2016 година е избрана за независен член на Надзорниот одбор на Халк Банка Скопје. Учествувала во формирањето на Асоцијацијата за банкарство и информатичка технологија, препознатлива по спроведување на стручни обуки за вработените во банкарскиот сектор, каде е назначена за член на Академскиот одбор. Од 2014 до 2018 година била претседател на Комисијата за доделување на државни ордени и признанија во кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Автор е на повеќе од 70 публикувани научни трудови и трудови презентирани на конференции и печатени во меѓународни списанија, 10 учебници, учебни помагала и прирачници, а учествувала во реализацијата на голем број научноистражувачки и апликативни проекти. Реализирала студиски престои на универзитети и институции во повеќе земји.