Д-р Елизабета Џамбаска

Редовен професор

НАУЧНИ ПОДРАЧЈА НА ИНТЕРЕС

  • Економски раст и развој

Повеќе за д-р Елизабета Џамбаска

Д-р Елизабета Џамбаска е родена во 1978 година, во Кочани. Во 2001 година дипломирала при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на Економскиот факултет. Последипломски студии запишала на Економскиот институт – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, насока Меѓународна економија. Магистрирала во 2007 година, со одбрана на магистерскиот труд „Факторскиот приод и моделирањето во теоријата на економскиот развој”. Во октомври 2013 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” при Економскиот факултет во Скопје ја одбранила докторската дисертација под наслов „Економските ефекти на фискалната политика”.

Од 2002 година работи во Економскиот институт – Скопје, а нејзиното сегашно звање е вонреден професор на проблематиката Економски развој.

Активно учествува во изработка на научноистражувачки и апликативни проекти, како и на бројни научни собири, конференции, семинари и конгреси во земјава и во странство. Вклучена е како предметен наставник на последипломските студии во Економскиот институт-Скопје на предметите Микроекономска анализа, Економска политика, Макроекономска политика и развој, Јавно-приватно партнерство, Јавни финансии, како и на докторските студии по Економски науки на предметите: Економски раст и развој и Применета економија и на докторските студии по Организациски науки и менаџмент на предметот Политики за поддршка на претприемништвото и МСП.

Автор и коавтор е на бројни трудови, меѓу кои посебно се истакнуваат монографијата „The main consideration of public debt in the Republic of Macedonia“ (2018); поглавје од книга: „Преглед на дигиталната економија во Република Северна Македонија и можноста за развој преку добри практики“ (2020) и „Квалитетот на живот во Република Северна Македонија мерен преку индикаторите за човеков развој“ (2019). Се јавува и како коавтор на меѓународната публикација под наслов „SEE-6 Economic Outlook”, изработена во соработка со институциите-членки на меѓународната асоцијација SEEA (Southeastern Europe Association).

Елизабета Џамбаска е избрана за сенатор на Економскиот институт-Скопје во Универзитетскиот сенат на УКИМ, за мандатниот период 2021-2023 година. Кораководител е на студиската програма од втор циклус на студии на Економскиот институт-Скопје по Менаџерска економија. Исто така, учествувала во подготовката на Политиката за отворен пристап на истражувачка инфраструктура на Економскиот институт – Скопје и воедно претставник е во советодавното тело на Мрежата за отворена истражувачка инфраструктура во Западен Балкан.

Била ангажирана како национален консултант при изработка на Macedonia’s Fourth National Communication and Third Biennial Update Report on Climate Change under the UNFCCC за потребите на UNDP и Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија.