Д-р Татјана Петковска Мирчевска

Редовен професор

НАУЧНИ ПОДРАЧЈА НА ИНТЕРЕС

  • Маркетинг
  • Истражување на пазарот

Повеќе за д-р Татјана Петковска Мирчевска

Д-р Татјана Петковска Мирчевска е редовен професор од областа на маркетингот. Дипломирала во 1989 година, магистрирала во 1993 година и докторирала во 1998 година на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како најдобар студент во генерацијата, добитник е на наградата „26 јули“ од Фондацијата Френк Харкорд Менинг од Лондон и Пофалница на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Од 1994 година е избрана за асистент – истражувач во Економскиот институт при УКИМ. Во 1998 е избрана во звањето доцент/научен соработник, во 2002 година во вонреден професор/виш научен соработник, а во 2007 година во звањето редовен професор/научен советник. Во 2012 година повторно е избрана за редовен професор од областа на маркетингот.

Од 1998 година, во континуитет е вклучена во наставата на трите циклуси на студии.

На првиот циклус на студии била професор и предавач за предметите:

  • Маркетинг информациски систем, Економски факултет – Прилеп, Универзитет „Св. Климент Охридски“- Битола;
  • Маркетинг менаџмент и Е-бизнис, Факултет за бизнис економија и менаџмент, Универзитет Американ Колеџ – Скопје;
  • Меѓународен маркетинг, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје;
  • Маркетинг во туризмот, Природно-математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и
  • Маркетинг менаџмент, Технолошко-металуршки факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје.

Од 1999 година предавала и предава на вториот циклус студии на:

  • Економскиот институт, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (сите студиски програми);
  • Факултетот за бизнис економија и менаџмент, Универзитет Американ Колеџ, предмет: Меѓународен маркетинг.
  • Машинскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, студиска програма Менаџмент на системи за безбедност и здравје при работа, предмет: Корпоративни односи со јавноста.

На третиот циклус студии е дел од наставните тимови на заедничките студиски програми Економија и Организациски науки (менаџмент) со Економскиот факултет и ИССПИ при УКИМ, Скопје.

Ментор е и член на комисии за одбрана на магистерски и докторски трудови на Економскиот институт, Економскиот факултет и други високообразовни институции во државата.

Досега објавила повеќе учебници и значителен број трудови во релевантни научни публикации. Учествувала и учествува на бројни меѓународни научни конференции. Била раководител и учесник во научни и апликативни проекти и член на експертски групи за имплементација на неколку национални стратегии.

Реализирала студиски престои во странство, а како позначајни се издвојуваат индивидуалната мобилност на Универзитетот во Болоња во Италија и Internship во агенцијата за инвестиции и развој на трговијата во Будимпешта, Унгарија.

Од 1999 година, била член на Уредувачкиот одбор на референтното меѓународно научно списание Amfiteatru Economic, кое се објавува од Academia de studii Economice din Bucuresti од Романија. Во 2017 и 2018 година била Team leader на Економскиот Институт за подготовка на публикацијата SEE-6 Economic Outlook која се објавува од Асоцијацијата SЕЕА.

Од месец октомври 2016 до месец октомври 2018 година е главен уредник, а во периодот 2018-2021 година е член на Уредувачкиот одбор на научното списание „Economic Development“.

Извршувала повеќе функции и учествувала во различни комисии во Економскиот институт и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Била претседател на Научниот совет, претседател на Институтската управа, раководител на Одделението за настава, член на Институтската управа, претседател и член на Комисијата за самоевалуација, координатор за ERASMUS, член на Научниот совет, член на Комисијата за соработка и доверба на Економскиот институт и друго. Во периодот од 2013-2017 година е раководител на последипломските студии од Претприемништво, а од 2017-2019 година е раководител на едногодишните последипломски студии од Менаџерска економија во Економскиот институт.

Од месец септември 2016 до јануари 2018 година била на функција в.д. директор и директор на Економскиот институт.

Во два последователни мандати (2008 – 2012 и 2012 – 2016 година) била член на Сенатот, а од месец септември 2016 до месец јануари 2018 година член на Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во периодот 2012 – 2020 година, во два последователни мандати, од страна на  Сенатот е избрана за еден од претставниците на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Интеруниверзитетската конференција на Република Северна Македонија.