Д-р Верица Јанеска

Редовен професор

НАУЧНИ ПОДРАЧЈА НА ИНТЕРЕС

  • Демографски развој
  • Развој на населението
  • Меѓународни миграции
  • Пазар на труд
  • Менаџмент на човечки ресурси
  • Интеракција меѓу демографските, економските и социјалните процеси

Повеќе за д-р Верица Јанеска

Д-р Верица Јанеска е родена во 1957 година, во Гостивар. Трите академски степени на високото образование ги стекнала на Економскиот факултет при Универзитетот  „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1980 година дипломирала на насоката Економска политика и развој, а во 1991 година ги завршила  последипломските студии од областа на Економски развој со методи на економската анализа, со одбраната на магистерскиот труд: „Современата економска миграција од СР Македонија во странство“. Во 2000-та година ја одбранила докторската дисертација на тема: „Современите меѓународни миграции, надворешните миграции од Република Македонија и социо-економскиот развој“.

Во Економскиот институт-Скопје е вработена од 1982 година, каде во континуитет се избира во сите научни и наставно-научни звања. Од 2007 година е редовен професор на проблематиката Интеракција меѓу демографските, економските и социјалните процеси. Предава на последипломските студии на Економскиот институт-Скопје, Школата за докторски студии при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, како и на третиот циклус на студии од областа на Организациски науки и управување (менаџмент), заедничка студиска програма со Економскиот факултет и Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Во изминатите четири децении била именувана на различни позиции во Институтот и во други институции. Во периодот 2016-2020 година била член на Универзитетскиот сенат. Од 2017 година е раководител на Одделението за демографија.

Во досегашната научноистражувачка работа има изработено повеќе од  сто трудови. Таа е автор/коавтор и/или редактор на дваесет и пет книги/монографии (Стареење на населението и на работната сила во Република Македонија; Современите меѓународни миграции, емиграцијата од Република Македонија и социо-економскиот развој; Демографски терминолошки речник; Научната дијаспора од Република Македонија и др.). Објавила повеќе од осумдесет статии и учествувала на околу шеесет научни собири и конференции во земјата и во странство. Работела на повеќе од осумдесет домашни и меѓународни научни и апликативни проекти (вклучително проекти финансирани од ЕУ) и како консултант на EU/EAR (European Agency for Reconstruction), EC/GVG (Gerichtsverfassungsgesetz), International Labour Organization и International Organization of Migration. Реализирала повеќе студиски престои во странство (на Државниот московски универзитет „Ломоносов“, Русија; Виенскиот институт за меѓународни економски студии – WIIW, Австрија и др.). Од 2007 година е член на DemoBalk, асоцијација на истражувачи на демографската проблематика од балканските земји, а од 2017 година е член на Глобалната организација на трудот (GLO) и на Друштвото на демографи на Србија.