На 28.10.2025 година во просториите на Економски институт-Скопје се одржа Фокус група со невработени жени од Скопје на возраст од 50 и повеќе години. Целта на оваа фокус група беше да се соберат жени на возраст од 50 и повеќе години, кои се долгорочно невработени на локалниот пазар на труд во Скопје. Преку дискусијата требаше подобро да се разберат причините што им отежнуваат на жените од оваа возрасна група да најдат и задржат работа, факторите што влијаат врз нивната мотивација за вработување, како и вештините што им недостасуваат за полесна интеграција на пазарот на труд.
Разговорот беше насочен кон нивните лични искуства од претходните вработувања и од процесот на барање работа, пречките со кои се соочувале при вработувањето, се дискутираше за знаењата и вештините кои ги поседуваат, како и за усогласеноста на тие вештини со барањата на локалните работодавачи. Се разговараше и за нивните искуства и очекувања од институциите и работодавачите во поглед на добивањето на неопходната поддршка во процесот на вработување. Посебна цел на дискусијата беше да се идентификуваат потенцијални предлози за подобрување на постојните мерки за поддршка на долгорочно невработените жени над 50 години, со цел да се пренесат до релевантните институции и доколку е можно истите да бидат вклучени во политиките и мерките за вработување на ниво на државата.
Темите на кои се дискутираше се однесуваа на неколку клучни сегменти:
- Работно искуство;
- Пречки за вработување;
- Вештини, обука и образование;
- Лични и семејни околности;
- Поддршка од институциите и работодавачите;
- Мотивациски фактори; и
- Поддршка преку активни мерки за вработување.
Знаењата и искуствата споделени за време на дискусијата во фокус групата ќе претставуваат значаен придонес при изработката на финалниот извештај од проектот, особено во делот на препораките и предлозите насочени кон подобрување на постојната состојба со невработеноста кај жените на возраст од 50 и повеќе години.






