Автор: Зоран Јаневски
Издавач: УКИМ Економски институт – Скопје | Јазик: Македонски | Година: 2022
Оригинален наслов: Дигитална економија | Бр. на страни: 237 | Димензии: / | Корица: мека


КОВИД-19 кризата во 2020 и 2021 година го потенцира обемот и опфатот на една нова економија која се создава последниве дваесетина години во светот. Таа се одликува со експоненцијален раст на податоците кои се создаваат од страна на огромен број дигитални уреди поврзани на интернет и други електронски комуникациски мрежи. Општеството во целина, економијата, политиката, управувањето и владеењето стануваат предмет на една комплексна дигитална трансформација. Дигитализацијата и дигиталните технологии водат кон фундаментални промени на сите аспекти во општеството и забрзано ги поттикнуваат иновациите во различни индустрии. Интернетот, дигиталните уреди и мноштвото дигитални податоци станаа едни од најзначајните фактори на економскиот раст. Заедно со дигиталните иновации, дигиталните вештини и компетенциите на вработените и потрошувачите претставуваат основа за појавата и растот на дигиталната економија.

Имајќи ги предвид овие факти, како и потребата за запознавање на студентите со комплексноста на оваа материја, изготвен е овој учебник со наслов „Дигитална економија“. Учебникот содржи многу детали и податоци за теоретските и практичните сознанија за дигиталната економија, дигиталната трансформација и феномените на дигиталната економија поврзани со пазарите и производите. Во учебникот се систематизирани знаењата од оваа област во светот, сè со цел на студентите да им се презентираат предизвиците и предностите од развојот на дигиталната економија.