Д-р Силвана Мојсовска

редовен професор

НАУЧНИ ПОДРАЧЈА НА ИНТЕРЕС

  • Меѓународна политичка економија
  • Меѓународна трговија
  • Странски директни инвестиции
  • ЕУ интеграција
  • Регионален развој
  • Одржлив развој

Повеќе за д-р Силвана Мојсовска

Д-р Силвана Мојсовска е редовен професор на Економскиот институт – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Република Северна Македонија. Докторирала во 2002 година на Економскиот институт – Скопје на тема: „Глобализацијата на светското стопанство како интровертен процес” и се стекнала со звањето доктор на економски науки. Д-р Мојсовска реализирала повеќе постдокторски истражувачки престои на престижни академски институции, од кои се издвојуваат London School of Economics and Political Science (LSE) во Обединетото Кралство; Универзитетот Париз 1-Пантеон Сорбона, Франција; Институтот за меѓународни економски студии во Виена, Австрија и Универзитетот Болоња, Италија.

Од 1995 година работи во Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Во 2011 година, д-р Мојсовска е избрана во сегашното звање редовен професор на проблематиката меѓународна економија. Од 2006 година е раководител на постдипломските студии по меѓународна економија при Економскиот институт – Скопје. Во летниот семестар на учебната 2007/2008 година престојувала како визитинг – професор по меѓународна политичка економија на Факултетот за политички науки на Универзитетот Гвадалахара во Мексико. Bo текот на 2011 и 2012 година предавала Економска дипломатија на дипломатската академија при Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија. Во зимскиот семестар на учебната 2016-2017 година престојувала како визитинг професор во Индија. Во март 2022 година ја реализирала програмата Leadership Academy for Development на Универзитетот Стенфорд од САД.

Автор е на бројни публикации, вклучително и поглавјето „Јакнење на конкурентноста во Република Македонија од перспектива на политиката за регионален развој” во книгата „Креирање на јавни политики во Западниот Балкан (уредници М. Томас и В. Бојичиќ Џелиловиќ), објавена од издавачот Спрингер, 2015 година. Учествувала на научни собири, конференции, летни школи и семинари во земјата и во странство. Исто така, реализирала многу истражувачки и апликативни проекти, меѓу кои се издвојуваат ангажманите на неколку национални стратегии – Стратегијата за регионален развој (2009-2019), Националната стратегија за одржлив развој (2009-2030) и Националната развојна стратегија на Република Северна Македонија (2022-2042).