Д-р Зоран Јаневски

директор

НАУЧНИ ПОДРАЧЈА НА ИНТЕРЕС

  • Е-бизнис
  • Иновации
  • Дигитална економија
  • Претприемништво

Повеќе за Д-р Зоран Јаневски

Д-р Зоран Јаневски е роден во Скопје во 1967 година. Во 1997 година дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на отсекот за електроника и телекомуникации на тема „Бизнис реинженеринг“. Во 2008 година магистрирал на Економскиот институт – Скопје на насоката Претприемништво на тема „Електронската трговија: можности и перспективи за малите и средни претпријатија“. Во 2011 година докторирал на Економскиот институт – Скопје на тема „Електронската трговија и претприемништвото како фактори на конкурентност на претпријатијата“, со што се стекнува со научното звање доктор на економски науки.

Во периодот од 1990 до 2001 година бил ангажиран како специјалист и дел од раководните тимови на компании во индустријата на информатички и комуникациски технологии (ИКТ). Од 2001 година, како независен консултант од областа на ИКТ, бил активно вклучен во реализација на проекти во приватниот и во јавниот сектор во земјата и во странство. Во тој период бил ангажиран од белгиската компанија Business & Strategies in Europe, Националната банка на Грција и други организации од регионот и пошироко. Во периодот до 2006 година дизајнирал и раководел проекти на УНДП, ОБСЕ, Европската агенција за реконструкција, повеќе министерства и Владата на Република Македонија.

Од јуни 2007 година д-р Јаневски е вработен во Економскиот институт во Скопје, каде во 2020 година е избран во највисокото наставно-научно звање редовен професор од научното подрачје организациони науки и управување (менаџмент), научна област: претприемништво.

Од 2012 година до денес е одреден за раководител на студиската програма по Претприемништво на втор циклус студии.

Во периодот од  2016 до 2019 година бил член на Комисијата за информатичка технологија, а од 2021 година до денес е член на Комисијата за самоевалуација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во периодот 2020-2021 година бил член на Работната група за изготвување нов Закон за научоистражувачка дејност, формирана од министерката за образование и наука на Република Северна Македонија.

Од јануари до јуни 2018 година ја извршувал функцијата в.д. директор, а од јуни 2018 година до денес е директор на Економскиот институт – Скопје. Во јануари 2022 година Универзитетскиот сенат донел одлука со која се потврдува изборот на д-р Зоран Јаневски за директор на Институтот во уште еден мандат за период од 2022-2025 година.

Во текот на својот работен стаж, д-р Зоран Јаневски има остварено повеќе студиски престои и тоа на: eGovernance Academy во Талин, Естонија; УНДП – канцеларија во Киев, Украина; Универзитетот „Паисиј Хилендарски“, Пловдив, Бугарија и други.

Учесник е на голем број научноистражувачки собири и обуки од областа на Претприемништвото, Дигиталната економија и Електронскиот бизнис и има објавено повеќе научноистражувачки и стручни трудови, учебници, учебни помагала и монографии во земјата и во странство на истите теми.

Д-р Зоран Јаневски учествува во голем број меѓународни и национални научноистражувачки и апликативни проекти како главен истражувач или учесник во тимот истражувачи.